Филаделфија и Голден Стејт ја завршија работата

Кошаркарите на Филаделфија и на Голден Стејт ја завршија работата во првото коло од плејофот во НБА – лигата, а чекор поблиску до следната рунда е и Бостон кој поведе со 3-2 во победи во серијата против Милвоки.

Филаделфија во 4-1 во победи во елиминира Мајами, а петтиот меч го реши во третата четвртина, која ја доби со 14 поени предност. На крајот славеше со 104-91. Блескаше Редик кој уфрли 27 поени, а Ембид постигна 19 поени и имаше 12 скокови.

Филаделфија во полуфиналето на Истокот ќе игра против победникот од дуелот меѓу Бостон и Милвоки, а селтикси поведоа со 3-2 во победи. Бостон славеше со 92-87. Во победничкиот тим Хорфорд оствари дабл – дабл, со 22 поени и 14 скока.

Шампионот Голден Стејт немаше проблеми со Сан Антонио и стигна до четвртата победа во серија. На домашен терен оствари триумф од 99-91. „Мамузите“ во последната минута се доближија на два поени негатива (93-91), но дилемите ги разреши Дурант со кош на 35 секунди пред крајот. Џинобили ја загуби топката во следниот напад, по што мечот беше одлучен. Голден Стејт во следната рунда ќе игра против Њу Орлеанс.

Дурант беше најефикасен кај „воините“ со 25 поени, Клеј Томпсон уфрли еден поен помалку. Кај Сан Антонио, Олдриџ беше стрелец на 30 поени и имаше 12 скокови.

Резултати НБА

Филаделфија – Мајами 104-91 (4-1 во победи)

Бостон – Милвоки 92-87 (3-2 во победи)

Голден Стејт – Сан Антонио 99-91 (4-1 во победи)

 

Се вчитува...