Фински бизнисмен испрати понуда за Манчестер Јунајтед: Сакам да го водам клубот заедно со навивачите

Трката за купување на Манчестер јунајтед неочекувано доби и трет кандидат откако во неа се вклучи Томас Зилиакус, фински бизнисмен кој испратил понуда за да стане нов сопственик на најтрофејниот англиски фудбалски колектив.

Тој воопшто не учествуваше во првото наддавање, но затоа во вториот рок испрати официјална понуда за купување на клубот. Конкретно, Зилиакус сака да купи 50% од вкупните акции на клубот, а неговиот план е втората половина да биде во сопственост на навивачите.

„Јас секогаш сум се залагал навивачите да имаат свој збор во клубот, за што треба да бидат и сопственици. Моментната вредност на клубот е нешто помалку од 3,9 милијарди долари. Ако се земе во предвид вкупната фан-база, секој навивач би требало да плати по шест долари. Мојата компанија би финансирала половина од вкупната сума, за 50% од акциите, додека фановите би требале да издвојат по три долари секој, за да станат ко-сопственици на клубот што го сакаат“, изјави Финецот.

Повеќе од јасно е дека ваквата понуда ќе биде одбиена од сегашните сопственици. Останатите двајца заинтересирани, британскиот милијардер Џим Ретклиф и катарскиот шеик Јасим бин Хамад ал Тани, ги доставиле своите понуди до семејството Глејзер, но неофицијалните информации тврдат дека и двете понуди се значително пониски од сумата од шест милијарди долари на кои Американците инсистираа од стартот на преговорите.

Се вчитува...