Фиорентина загуби добиен меч, Удинезе до лесна победа

Монца скокна на 12. место на табелата во Серија А по извонредната победа што клубот на Силвио Берлускони ја забележа на домашен триумф над Фиорентина. Бодовите се уште позначајни ако се знае дека „виолетовите“ по само 13 минути игра се најдоа во предност од 0-2 со головите на Куаме и на Сапонара.

Монца успеа да се врати до крајот на полувремето и израмни на 2-2 преку Бираги (Автогол) и Дани Мота. Песина имаше поништен гол за 3-2 пред самиот крај на првото полувреме, но истиот фудбалер доби шанса да го комплетира пресвртот на стартот од вториот дел, кога од пенал го совлада голманот на Фиорентина и му донесе големи три бода на својот тим.

Удинезе лесно и убедливо славеше на домашен терен против Кремонезе со 3-0, меч на кој Илија Несторовски беше на клупата за резерви, но не влезе во игра за „фриулијаните“. Самарџиќ уште во втората минута ја најави победата на домашниот тим, која до крајот на првото полувреме ја запечатија Перез и Суксес.

Се вчитува...