Тренерот на Барселона, Ханси Флик, и селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, имаат различен став околу репрезентативните активности на Рафиња.
Каталонските и бразилските медиуми пишуваат дека повторно дошло до несогласување меѓу Флик и Анчелоти бидејќи во таборот на Барселона постои големо незадоволство од начинот на кој минатата сезона бил менаџиран бројот на минути на Рафиња во репрезентативниот дрес на Бразил.
Имено, минатата сезона, Рафиња се повреди за време на пријателски натпревар по што во клучниот дел од сезоната не можеше да му помогне на каталонскиот тим во битката за трофеите.
Флик смета дека одлуките на Анчелоти и недоволното ротирање на играчите имале влијание врз физичката подготвеност и ритамот на Бразилецот во текот на сезоната.
Според медиумите, Флик му е лут на Анчелоти бидејќи ги „штедел“ играчите на Реал Мадрид, Винисиус јуниор и Родриго, додека Рафиња постојано играл за репрезентацијата.
Од друга страна, Анчелоти има поинаков став. Италијанскиот стручњак смета дека тренерот на Барселона не треба да се меша во начинот на кој се води националниот тим, а Рафиња го смета за важен и неопходен член на репрезентацијата.
Поради ваквата ситуација, Флик наводно донел одлука да ја намали минутажата на Рафиња во периодот пред следната репрезентативна пауза. Целта е Бразилецот да остане свеж и да се намали ризикот од замор и евентуална повреда.
Тоа значи дека Рафиња би можел да добие ограничена минутажа уште на вечерашниот натпревар против Расинг, но и во претстојниот викенд, кога Барселона ќе гостува кај Севиља.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
