Форсберг е херојот на Шведска

Шведска е претпоследниот патник во четвртфиналето од СП 2018 откако скандинавската селекција по голема битка славеше над Швајцарија со 2-0. Како што можеше и да се очекува, мечот го одбележа израмнета игра и надмудрување на средината на теренот, без многу шанси на двете страни, а како клучен со покажа погодокот на Емил Форсберг постигнат кон средината од второто полувреме.

Најубавата шанса во првиот дел ја имаше Шведска, но Екдал со волеј-удар од непосредна близина наместо во мрежата, шутираше високо над гредата. Швајцарците се отворија на стартот од второто полувреме, направија неколку корнери во серија, но не успеаја да создадат стопроцентна шанса за гол. „Сино-жолтите“ трпеливо чекаа, а кога им се укажа ситуација успеаја да поведат, Форсберг прифати топка на работ од шеснаесетникот, си создаде простор и силно шутираше, топката го закачи Аканжи и заврши во мрежата.

Очекувано, Швајцарија тргна во тотална офанзива, но се беше попусто откако бидејќи шведската одбрана одолеа на налетите. Швајцарците не реализираа две одлични шанси, при првата Гранквист интервенираше од самата гол-линија, додека при втората ситуација Сеферовиќ одлично биеше со глава, но голманот Олсен го одбрани неговиот удар.

Во 93. минута судијата Скомина досуди пенал за Шведска, но по прегледување со ВАР-технологија ја промени одлуката покажувајќи дека станува збор за слободен удар на работ од шеснаесетникот, што не влијаеше на конечниот исход и победникот.

Ривал на Шведска во четвртфиналето ќе биде победникот од вечерашниот натпревар Англија – Колумбија.

 

Се вчитува...