Франција е во финалето, „ѓаволите“ не се видоа во Санкт Петербург

Франција е првиот финалист на СП 2018 откако „триколорите“ ја добија пресметката во Санкт Петербург против Белгија со минимални 1-0. Атомскиот напад на Белгијците овојпат беше целосно неутрализиран, а дефанзивецот Умтити беше херој и на спротивната страна, постигнувајќи го единствениот гол на полуфиналето. Французите одиграа тактички подобро од противникот, создадоа и повеќе шанси, па повторно ќе играат едно големо финале, две години по поразот од Португалија во мечот за трофејот на ЕВРО 2016.

Азар ја имаше првата убава шанса на мечот откако беше проигран во шеснаесетникот, но од десетина метри откосо биеше крај левиот дирек. Потоа се закани и Алдервирелд, но Љорис одлично го одбрани неговиот обид, по што Франција целосно ја презеде иницијативата. „Триколорите“ ја контролираа средината од теренот, а Мбапе успеа да ги разигра соиграчите. Сепак, мрежите мируваа откако Жиру од идеална позиција биеше многу непрецизно, а потоа во одлична шанса на асистенција на Мбапе влезе и Павар, но Куртоа го одбрани неговиот шут.

Подобрата игра на Французите беше наградена на стартот од вториот дел, кога по корнер од десната страна на вистинското место се најде Умтити, кој со прецизен удар со глава го матираше Куртоа. Белгикците беа принудени да се отворат, но Франција ги имаше шансите за втор гол, повторно во главна улога беше Жиру на асистенеција на Мбапе, но голгетерот на Челси дефинитивно не е расположен за голови на овој мундијал. Во игра влегоа и Мертенс и Караско, но Белгијците не го наметнаа препознатливото темпо, најубавата шанса имајќи ја преку Фелаини, кој со глава биеше за малку крај голот.

На десет минути до крајот со удар од далечина се закани и Витсел, Љорис го одбрани неговиот обид, по што Беелгија до крајот не создаде ниту една шанса. Во судиското продолжение можност да стават печат имаа Гризман и Толисо, Куртоа два пати одбрани, но Французите знаеја како да го дотрошат времето и да стигнат до победата. Севкупно гледано, заслужена победа на Французите со беспрекорна одбранбена партија против досега најдобриот офанзивен тим на мундијалот.

Се вчитува...