Фудбалерот на годината: Тренеру нема да играм, одам да спасам живот!

Несекојдневна приказна кога е во прашање високо професионалниот фудбал. Фудбалерот на холандскиот ВВВ Венло, Германецот Ленарт Тај се одлучи да не го игра првенствениот дуел против ПСВ престојниов викенд затоа што мора да оди да спаси нечиј живот!

Ленарт уште пред седум години, додека играше против Вердер, прифати иницијатива фудбалерите да достават ДНК која ќе се чува во база, а сето тоа во случај некогаш да биде неопходна за лицата заболени од леукемија. И тоа се случи!

Пред еден месец, Тај добива информација дека неговиот ДНК совршено се поклопува со гените на пациент кој се бори за живот. Веднаш се одзвал на тој повик, и покрај тоа што е професионалец во Венло, фудбалот сепак го остава во втор план. Нема да тренира следната недела и нема да игра против ПСВ и покрај тоа што е втор најдобар стрелец во тимот на Венло.

„Никогаш вакво нешто не сум доживеал. Прво бев шокиран, мислев дека здравјето на Ленарт е всушност загрозено. А потоа ми објасни дека би можел да спаси нечиј живот. Па, ќе го загубиме на некое време иако се уште не сме го осигурале опстанокот. Знаеме дека Ленарт е еден од нашите најдобри фудбалери, но ова е многу поважно од фудбалот“ – истакна тренерот на Венло, Маурис Стејну, притоа дополнувајќи:

„Ленарт е многу интелегентен тип, друштвен, ова баш наликува на него… Тој многу размислува и за работите надвор од фудбалот. Се надевам дека навистина ќе успее да спаси живот. Тој веќе успеа да привлече и медиумско внимание за оваа болест што е навистина извонреден потег. Сите сме горди на него“.

Германецот во моментов во ВВВ Венло е на позајмица од Вердер каде и чека вистинска можност. Во минатото има настапи и за младата репрезентација на Германија.

Се вчитува...