ФУДБАЛОТ ВО 2022: На чекор до Мундијал…, на клупски план лекции нѝ држеа клубови од Ирска и Косово

Годината 2022 ќе биде запаметена како една во која Македонија оствари еден голем, ако не и најголем триумф во историјата на националниот тим. Во март беше победена Италија, актуелен европски првак, и елиминиран од можноста да учествува на Мундијалот во Катар. Алекс Трајковски во последните моменти од натпреварот погоди во тој историски натпревар, меч кој Италијанците никако не можеа да го преболат.

Тоа значеше дека Македонија ќе има уште една препрека до Мундијалот, но на патот стоеше Роналдо и соиграчите. Тешка беше ждрепката, но Македонија веќе елиминираше еден фаворит, и имаше надеж дека може да елиминира уште еден за да испише историја.

Но, на „Драгао“ во Порто Македонија немаше сила за нова светска сензација после онаа во Палермо. Момците на Благоја Милевски беа поразени со 2-0, и така беше испуштена најголемата шанса за пласман на едно Светско првенство.

Следуваше Лигата на Нации и можноста Македонија да се бори за ново Европско првенство. Меѓутоа Грузија во Скопје победи со 0-3, и така ги направи шансите на нашата репрепрезентација минимални за првото место, и потоа преку бараж да се бара шанса за ЕП 2024. Дефинитивниот крај дојде во Тбилиси кога Грузија триумфираше со 2-0 на вториот меч, и со тоа шансите беа загубени. На крајот катастрофалниот финиш во Лигата на Нации и поразот од Бугарија во Скопје донесе и само трета позиција во групата.

Шансата за Македонија за пласман на ЕП требаше да се бара во квалификациите. А, кога ги дознавме противниците, се чини направивме уште еден чекор назад уште пред да „стапнеме“ во нив. Италија и Англија, финалистите на последното ЕП стојат на патот до Македонија, дополнително и Украина.

На клупски план ништо ново околу настапите на македонските екипи во Европа. Шкупи имаше големи шанси да се пласира во групна фаза на едно натпреварување, и да биде вториот македонски тим кој ќе има европска есен. Откако беше елиминиран од Динамо Загреб во ЛШ, Шкупи се падна со Шамрок од Ирска. Требаше само да го мине, и ете ја групната фаза. Но, избраниците на Гоце Седлоски загубија од Шамрок, а потоа и од косовски Балкани за да ја заокружат катастрофата во Европа.

Шкендија успеа да мине две кола, но застана на третото во Лигата на конференции против шведски АИК. Академија Пандев испадна уште во 1. коло во Лигата на конференции, Македонија ЃП во 2. коло откако загубија од ЦСКА Софија.

Во македонскиот шампионат, Шкупи по долго време се врати на шампионскиот трон. Оваа есен доминираше Струга Трим Лум, а Вардар и натаму остана второлигаш, со мали шанси да се смени и по завршувањето на оваа сезона, после сето она што се случува во таборот на најтрофејниот.

Ако нешто може да се издвои како позитивно од домашниот шампионат, е пуштањето на трибината на стадионот во Битола, кој, конечно доби нов модерен лик. Беше отворена на дербито со Вардар, вистинско дерби кое ги оправда очекувањата и уште еднаш вечните покажаа дека местото им е во Првата, а не во Втората лига. Секоја чест на другите, но без силни Пелистер, Вардар, Беласица, Победа… нема квалитетен клупски фудбал.

Она кое треба да се одбележи е откажувањето на Ренова. „Гипсарите“ во последните денови пред почетокот на првенството истакнаа дека ја напуштаат Првата лига и сега Првата лига брои 11 клубови. Некогашниот шампион се откажа во миговите кога си направи својата база, односно свој терен и стадион во Џепчиште. Но, од таму има најави дека ќе се врати повторно на старите патеки.

2023 година, година на квалификации за пласман на ЕП. Групата е страшно тешка. Со Англија и Италија да се бара пласман на Европско првенство би било лудо, и покрај тоа што Македонија се надигрувала и со едните и со другите. Тука и е Украина која ќе сака од сенка да им ги расипе сметките на „гигантите“. Од Малта треба да очекуваме само шест бодови, и ништо помалку. Од останатите да играме, па што биде нека биде. Можеби ќе се случи ново чудо, како она во март лани кога победата на Македонија во Палермо одекна како нуклеарна бомба.

Се вчитува...