„Ѓаволите“ му веруваат на Солскјер, ќе пресуди дербито со Ливерпул

Оле Гунар Солскјер ја доби неопходната поддршка од водечките луѓе на Манчестер Јунајтед, по што норвешкиот стратег ќе продолжи со менаџерскиот ангажман и со подготовките за големото дерби со Ливерпул што е следно на програмата во Премиер-лигата. Сепак, кај младиот стручњак постои сериозно стравување дека убедлив пораз од најголемиот ривал може да придонесе токму тој меч да биде последен за него на клупата на „црвените ѓаволи“.

Семејството Глејзер, кое раководи со најтрофејниот англиски клуб, реши да му даде поддршка на Солскјер без оглед на фактот дека овој старт на сезоната е најслаб во последните 30 години од клупската историја. Американските газди не сакаат лесно да се откажат од стручњакот кој помогна тимот да се врати во ритам по заминувањето на Мурињо, но од друга страна на сите им е јасно дека Норвежанецот ги троши последните кредити што ги има во клубот во кој блескаше и како фудбалер.

Фактите се јасни, по првите осум кола „ѓаволите“ имаат само две победи и девет постигнати погодоци. Најтрофејниот англиски клуб моментно се наоѓа на 12. место на табелата, со ист број бодови како и Брајтон и Шефилд Јунајтед, па на сите им е јасно дека Солскјер нема преголем избор, или час поскоро да почне победничка серија или да се спакува и да си замине од „Олд Трафорд“.

Се вчитува...