Георгиевски: Од почеток знаевме дека ќе решаваме со Исланд

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Колку и да се сака фокусот да остане врз дуелот со Шпанија како нареден мундијалски предизвик, на нашите ракометари им е јасно дека клучен меч за пласман во следната рунда ќе биде оној што в четврток ќе го играат против Исланд. Тоа го потврди и крилото Гоце Горгиевски, кој потенцираше дека не треба многу да се жали по поразот од Хрватска, селекција што секако беше фаворит во пресрет на дуелот со нашиот национален тим.

„Напорот е вообичаен за овие големи натпреварувања, но ние знаеме дека мораме да издржиме. Загубивме од Хрватска, но слободно може да се каже дека стартот на шампионатот е очекуван, според планот победивме во првите две кола, а потоа претрпевме пораз од репрезентација што реално е поквалитетна од нас. Нема зошто да очајуваме, насочени сме со мислите кон завршните натпревари. Уште пред почетокот на ова СП јасно ни беше дека „таргет“ ќе ни биде триумф над Исланд како решавачки меч за пласман во втората рунда. Претходно, во четвртото коло ќе играме со Шпанија, сигурно дека нема однапред да се предадеме бидејќи секој дуел со европскиот шампион е доволна мотивација сама по себе“ – изјави Гоце Георгиевски по денешниот тренинг на националниот тим во Минхен.

Се вчитува...