Германија ја „уништи“ Грција за пласман во полуфинале

Германија е сензационален втор полуфиналист на Евробаскетот чија завршница се одржува во Берлин. Бодрени од својата публика, Германците ја совладаа Грција благодарение на одличното издание во третиот период, во кој Грција беше крајно разочарувачка и очајна. На крајот победа од 11 разлика, иако во еден момент беше и над 20 разлика.

Главно ефикасно почнаа и двете селекции, па така првиот период им припадна на Германците кои го добија со 31-27. Следуваше голем пресврт на Грција, која ја доби втората четвртина со 26-34 и замина со предност на полувремето.

Следуваше периодот кој го одлучи победникот. Грција долго време во третата четвртина немаше постигнато кош, па така Германија со „тројки“ ги уништи Грците, и го доби третиот период со неверојатни 26-10. Грците во финишот постигнаа повеќе поени, инаку им се закануваше целосна катастрофа во третата четвртина.

Во последниот период повеќе немаше враќање на Адетокумбо и другарите. Германија константно ја зголемуваше предноста, а во еден миг таа изнесуваше 21 разлика во корист на Германците. На крајот опуштање во редовите на Германија и Грција успеа да ја намали разликата на „само“ 11.

Залудни беа 31 поен на Адетокумбо. Шродер во Германија постигна 26 поени.

Германија во полуфиналето ќе игра против Шпанија. Утре се останатите две четвртфинални дуели во кои Словенија игра против Полска, а Франција со Италија.

Се вчитува...