На парагвајскиот коментатор Хорхе Вера му е одземена акредитацијата за Светското првенство откако имаше несоодветни коментари за време на натпреварот на неговата селекција против Турција.
За време на преносот, тој жестоко го нападна судијата и ФИФА поради црвениот картон што го доби парагвајскиот репрезентативец Мигел Алмирон. На крајот, Парагвајците успеаја да победат со еден играч помалку и да останат во игра за втората фаза од натпреварувањето.
Алмирон е првиот играч во историјата што е исклучен поради покривање на устата за време на вербален дуел со противник – што е ново правило на ФИФА воведено по случајот од Лигата на шампионите кога „во клинч“ беа играчот на Бенфика, Џанлука Престијани и Винисиус од Реал. Овој вид санкција беше воведен за да се спречи прикривање на расистички, дискриминаторски или навредлив говор.
Исклучувањето на Алмирон предизвика бурна реакција од коментаторот Вера, кој го нападна салвадорскиот судија Иван Бартон, а потоа и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино во пренос во живо.
„Лопови, лопови, Бартон. Го убивте фудбалот. ФИФА, го убивте фудбалот. Инфантино, ти си одговорен за ова“, извика Вера, и не застана тука:
„ФИФА, преземи одговорност што го претвори фудбалот во ова. Срам. Треба да се срамиш, Инфантино.“
Потоа му се обрати на претседателот на Јужноамериканската федерација, Алехандро Домингез, со зборовите:
„Алехандро Домингез, престани да се сликаш со Инфантино. Забавувај се. Сите сте манипулативни лопови.“
Потоа Вера го оспори правилото на ФИФА и го бранеше Алмирон:
„Каков расизам можеше Мигел Алмирон да употреби против турски играч? Дајте бре малку здрав разум“, рече тој.
Откако Вера остана без акредитација до крајот на турнирот, неговата телевизија „ABC Cardial“ апелираше до ФИФА да ја преиспита одлуката, тврдејќи дека ФИФА треба да покаже поголемо разбирање бидејќи станува збор за еднократен инцидент, по што следеше изјава и признание за грешката.
„Веруваме дека одземањето на акредитацијата за целото времетраење на турнирот претставува екстремна и очигледно неразумна санкција за првиот прекршок што беше веднаш признат, за кој беше испратено формално извинување и беа преземени конкретни мерки за негово исправување. Испратено е извинување, грешката беше признаена и веднаш беа спроведени корективни мерки. Потребно е да се исправат грешките. Подеднакво е потребно да се обезбеди санкциите да бидат разумни, пропорционални и во согласност со основните принципи на правдата“, се вели во соопштението на парагвајската телевизиска компанија за која работи Вера.
A la opinión pública. pic.twitter.com/ix5jwYnqX0
— Jorge Chipi Vera (@ChipiVera89) June 22, 2026
Откако му беше одземена акредитацијата, Вера објави видео на социјалните мрежи во кое се извинува за губењето контрола и изрази жалење за личните напади.
„Се обраќам до јавноста. За време на преносот во живо од натпреварот Парагвај – Турција, понесен од моментот и тензијата, дадов коментари што ја преминаа границата. Употребив остри зборови и лично го нападнав судијата и службените лица на ФИФА, за што длабоко жалам. Признавам дека претерав со моите зборови. Веќе испратив официјална нота со корекција и извинување до тимот за акредитација на ФИФА и го признав вербалниот испад што се случи под притисок на преносот во живо. Сакам јавно да се извинам на ФИФА и на судијата на тимот, а особено на публиката за каква било навреда што моите зборови можеби ја предизвикале. Никогаш не ми беше намера да нападнам некого. Преземам целосна одговорност за мојата грешка“, рече Вера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
