Гибралтар – идеална можност за продолжување на низата од седум меча без пораз

Македонската фудбалска репрезентација е пред отворена можност да ја запише најдолгата серија без пораз во историјата.

Утрешниот дуел против Гибралтар на стартот од Лигата на нациите е повеќе од идеална шанса да се продолжи низата од седум едноподруго натпревари без пораз започната од гостинската победа од 0-1 против Израел во Хаифа, точно од пред една година. Од тогаш Македонија има уште шест натпревари притоа со запишани три победи (Израел, Лихтеншнтајн и Норвешка) и четири ремија (Албанија, Италија, Финска и Азербејџан). Секако интенцијата сега е да се стигне безусловно до трите бода.

Желбата на македонските репрезентативци е да се продолжи и низата од шест едноподруго официјални квалификациски дуели на кои се постигнува барем по еден погодок. Последен пат кога Македонија не успеала да запише гол на квалификациски дуел е на 12. ноември 2016 година во поразот од Шпанија на гостински терен од 4-0. Тоа беше и единствениот натпревари од десетте во квалификациите за СП 2018 во кој Македонија не постигна гол.

„Македонската селекција последната година игра препознатлив офанзивен фудбал. Тоа е стилот кој сакаме да го негуваме и на натпреварите од Лигата на нациите. Така ќе биде и против Гибралтар. Најмалку е важно кој ќе постигне гол, но единствено важно е да се стигне до посакуваната победа“ – вели офанзивецот Илија Несторовски.

Избраниците на Игор Ангеловски силно веруваат дека ќе се стигне и до шесттата победа во последните 12 репрезентативни меча. Македонската селекција во претходните 11 свои натпревари има повеќе од позитивен скор од пет победи, пет ремија и само еден пораз (оној од Шпанија од ноември 2016 година во Гранада).

Се вчитува...