Глигоров: Секоја година сме се подобри, време е за нешто повеќе во Европа

Вардар стигна и до третата едноподруго титула шампион на Македонија. На убедлив начин „вардарци“ на четири кола пред крајот го осигураа трофејот, на што и тоа како се горди сите во тимот.

„Низ цела сезона покажавме најмногу и сосема заслужено сме повторно шампиони. Ги добивме директните дуели со конкурентите, ги добивме и сите противници, и со мали осцилации кои што се очекувани од секоја екипа, сме на она место каде што припаѓаме. Освен Купот другото се беше на нивото. Три пати по ред сме шампиони, и тоа нешто кажува. Оваа година на четири кола до крајот успеавме да обезбедиме титула што воопшто не е мала работа. Се гледа напредок од минатите две сезони кога на пример до последен момент решававме титула. Сега покажавме квалитет, а тоа е добро и од психолошки аспект што успеавме порано да го решиме првенството“ – вели Никола Глигоров за официјалната интернет страница на клубот.

Сега останува уште финишот од шампионатот во кој се посакува победнички крај, и потоа подготовка за настапите во квалификациите од Лигата на шампионите.

„Од доаѓањето на господинот Самсоненко во Вардар, трета година по ред сме шампиони што е главна цел. Сега сме позрели за Европа и се надевам дека ќе минеме некое коло ова лето. Сега ни останува финишот на шампионатот во кој што ќе одиме на победа на секој натпревар како што беше и до сега. Потоа ќе имаме малку одмор, па ќе почнеме да се подготвуваме за настапите во Лигата на шампионите каде што реков, очекувам и посакувам да минеме некое коло што ќе биде од голема важност прво за клубот, како и за сите фудбалери, стручен штаб и раководство. Мислам дека од година во година Вардар созрева, и сега останува да се направи и тој посакуван успех и во европски рамки“ – вели Глигоров.

Се вчитува...