Македонија вчера загуби спортски великан, но останува впечатокот дека државата можеше и мораше многу подобро да го искористи капацитетот на Благоја Георгиевски Буштур и реномето што овој врвен кошаркар го создаде за време на својата играчка кариера. Ова во своето излагање на денешната комеморација го изјави актерот Ѓокица Лукаревски, инаку близок пријател на Георгиевски уште од раното детство.
„Тој беше великан, спортист за пример, но мислам дека во моментот кога реши да ја заврши кариерата, луѓето во Македонија, во спортот во државата не знаеја да го искористат неговиот капацитет. Да го направат амбасадор на спортот, рамо до рамо со оние со кои со успех настапуваше. Но, Буштур го надмина тоа. Беше во некои управни одбори, се посвети максимално, но во еден момент почувствува дека се трга од тој свет. Како да беше отфрлен, затоа се посвети на нешто кое беше негова најголема љубов во последниот период, риболовот“, изјави актерот Лукаревски.
Тој се потсети и на периодот кога Георгиевски не бил повикан во националниот тим.
„Беше разочаран тој, но и сите ние кои бевме негови пријатели, кои знаевме колку вреди. Ми кажа да не се грижам, дека ќе се врати во репрезентацијата на Југославија. Тој период секое утро трчавме во шест часот, тој по двестотини метри пред мене, некогаш ми доаѓаше да се откажам, но Буштур не ми дозволуваше, наоѓаше начин да ме мотивира. Потоа одевме на игралиштето до Вардар и до 10 час му фрлав топки да го усоврши шутот од табла по кој стана препознатлив. На крајот, се врати во репрезентацијата, беше пресреќен, исто како и јас, за мојот голем другар“, истакна Лукаревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА