Ѓоковиќ: Му немам земено ниту сет на Кирјос, ќе биде тоа тешко финале

Новак Ѓоковиќ беше презадоволен што четврта година по ред обезбеди место во големото финале на Вимблдон, но српскиот тенисер е свесен дека в недела го очекува исклучително тешка задача против Ник Кирјос. Австралиецот важи за еден од најконтроверзните тенисери на денешницата, тој низ годините многу често знаеше јавно да го критикува Ѓоковиќ, но застана на страната на српскиот тенисер при хаосот што настана за време на Австралија Опен.

Она што е најинтересно е дека Кирјос е можеби единствениот активен тенисер против кого Ѓоковиќ не само што нема забележано победа, туку и нема освоено ниту еден сет. Овие двајца имаат одиграно само два меѓусебни дуели, и тоа во март 2017 година, при што двата завршија со победи на Кирјос од по 2-0 (7-6, 7-5 во Акапулко и 6-4, 7-6 во Индијан Велс).

„Тоа ќе биде тешко и „жешко“ финале, нема сомнеж дека емоциите ќе играат значајна улога. За него ќе биде прво гранслем финале, ќе игра како да нема што да загуби. Тој е одличен тенисер, силно го удира топчето, што е многу важно особено кога играте на трева. Што да кажам, јас му немам земено ниту сет на Кирјос, се надевам дека најпрвин ќе го сторам тоа, а потоа ќе стигнам и до трофејот“, изјави Ѓоковиќ.

Се вчитува...