Гол-шоу на Џонов против Работнички, нов триумф и на Охрид

Пролет продолжи со одлични резултати и во четвртото коло од Супер-лигата, славејќи над Работнички со 38-36 во меч во кој брилијантен беше Иван Џонов. Крилниот ракометар кој од сезонава настапува како лев бек блесна на „центарското дерби“, постигнувајќи 15 погодоци во мрежата на гостинскиот состав.

Работнички изненади со добра игра, парирајќи му на Пролет во текот на целиот натпревар. Гостите успеаја да израмнат на 18-18 со гол од десет метри пред самиот крај на полувремето, потоа се држеа резултатски до самиот крај, но нема сили за изненадување во салата „Македонско сонце“.

Покрај Џонов, кој постигна 15 голови, најефикасни кај победничкиот тим беа Поповски и Аларов со по шест погодоци, додека прв стрелец кај Работнички беше Палевски со девет погодоци.

Охрид прокнижи нови планирани бодови триумфирајќи над Радовиш со резултат 29-25. Тимот на Раде Стојановиќ се мачеше до самиот финиш, на неколку минути до крајот резултатот гласеше 26-25, но охриѓани со три гола во завршницата ја запечатија победата. Најефикасни во победничкиот тим беа Блажески со седум и Тот со шест погодоци.

Вардар Јуниор стигна до првата овосезонска победа триумфирајќи на гостувањето во Струга со минимални 23-24, со голот што Дамјан Јакимовски го постигна во последната минута.

Се вчитува...