Голден стејт лесно со Далас, на Оклахома не и оди без Вестбрук и Мело

Синоќа на програмата од НБА лигата беа шест натпревари, од кои секако за издвојување е победата на Голден стејт против Далас од 121-103, како и онаа на ЛА Лејкерс од 106-81 во пресметката со Оклахома.

Вориорси до триумфот против Далас дојдоа со доминантна игра во второто полувреме, по претходно израмнетиот прв дел од мечот. Најефикасен во победничкиот тим беше Кевин Дурант со 24 поени, додека Стеф Кари постигна 20 поени. Кај Далас Смит постигна 22 поени, а Новицки го заврши мечот со 16 поени.

Оклахома ослабена со неиграњето на Расел Вестбрук и Кармело Ентони лесно загуби во „Стејплс центарот“ каде Лејкерси славеа со 25 поени разлика.

Најефикасен кај Оклахома беше Џорџ со 25 поени, додека домашните беа предводени од Колдвел-Поуп со 20 поени, Инграм – 19 поени и Рендл – 17 поени.

Портланд славеше над Шарлот со 109-103 благодарение на одличната игра на Јусуф Нуркиќ кој за 33 минути на паркетот постигна 24 поени. Нуркиќ беше најефикасен кошаркар во победничкиот тим пред МекКалум кој постигна 22 поени. На тие 24 поени Нуркиќ дополни и со 14 скока, една асистенција и четири блокади.

Најефикасен на мечот беше Кемба Вокер со дури 40 поени, но не можеше сам да спречи пораз.

Во останатите натпревари, Бостон по продолжение на гости славеше против Вашингтон со 104-110, Торонто на домашен терен беше подобар од Њујорк со 113-88, а Орландо од Атланта со 100-98.

Се вчитува...