ГОЛЕМ РЕМОНТ: Девет фудбалери ова лето ја напуштаат Барселона

Барселона подготвува голем ремонт за престојниов летен период. Каталонскиот гигант убедливо ја освои Ла Лига, а вечерва има можност и за двојна круна против Валенсија во Купот на кралот. Сакаа во Барса и триумф во ЛШ, но не успеаја во тоа по елиминацијата од Ливерпул.

Но, и покрај се, од јуни следи ремонт на тимот. Во Барселона пристигнува Антоан Гризман а се поизвесно е доаѓањето и на 19-годишниот капитен на Ајакс, Матијас Де Лигхт како и на Френки де Јонг.

Од друга страна, каталонски „Спорт“ пренесува дека Валверде за следната сезона избришал дури девет фудбалери. На излезна врата се Муриљо, Томас Вермален, Силесен, Умтити, Рафиња, Малком, Филипе Кутињо, Кевин Принс Боатенг но и хрватскиот репрезентативец Иван Ракитиќ.

На Вермален ова лето му истекува договорот, кој извесно нема да му биде продолжен, Умтити заминува а на негово место доаѓа Де Лигт. Рафиња долго беше надвор од теренот поради повреди, па во Барса размислуваат да го испратат на позајмица. Резервниот голман Силесен сака поголема минутажа и поради тоа заминува, а Муриљо и Боатенг, досега позајмени фудбалери, сега се враќаат во своите матични клубови.

Филипе Кутињо и Малком, како што пишуваат Каталонците, не ги задоволиле високите критериуми кои беа ставени пред нив кога беа купени, па ќе бидат продадени како би се намалила финансиската негатива од купувањето на Гризман.

Најнеизвесно е дали Иван Ракитиќ ќе го напушти клубот, но со оглед на тоа што има неколку интересни понуди на негова адреса од Барселона сакаат да го пуштат. А, најблиску е до преселба во милански Интер.

Се вчитува...