Голема размена во најава: Едниот беше МВП, другиот нема играно две години

Трансфер периодот во НБА-лигаата започна во понеделникот, со неколку звучни имиња кои веќе ги сменија клубовите, како Крис Пол кој заврши во Феникс санс, додека Богдан Богдановиќ кариерата ја продолжува како член на Милвоки бакс. Сите клубови гледаат кон Хјустон, кој претрпува голем „ремонт“ по заминувањето на тренерот Мајк Д’Антони и генералниот директор Дерил Мареј. Џејмс Харден и Расел Вестбрук изразија желба да си заминат, а „ракетите“ веќе го направија првиот трејд испраќајќи го Роберт Ковингтон во Портланд за Тревор Ариза.

Вестбрук сака да си замине, тој не ги оправда очекувањата, па и управата ги разгледува опциите за негов „трејд“ во следниот период. Американските медиуми објавија дека „ракетите“ преговараат со Вашингтон Визардс, кој би го испратил Џон Вол во Хјустон, што би било вистинска „блокбастерска“ размена на двајца играчи со вкупно 14 настапи на Ол-стар натпреварите.

Вол беше првиот пик на драфтот во 2010 година и во првите осум сезони беше еден од најдобрите плејмејкери во Источната конференција, а со своите физички предиспозиции, стилот на игра и експлозивноста беше многу сличен на Вестбрук. Но, тој не играше скоро две години, од повредата на петицата во декември 2018 година. По операцијата, тој добил инфекција што му го комплицира закрепнувањето, при што тој се лизнал во кадата дома и ја повредил Ахиловата тетива.

Сепак, Вол сега е подготвен за камбек, а на Хјустон е да одлучи дали да го преземе ризикот и да го размени Вестбрук за играч што толку долго време беше надвор од терените.

Се вчитува...