ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА: Во сообраќајна несреќа загина кошаркарската легенда Благоја Георгиевски – Буштур

Во тешка сообраќајна несреќа синоќа во Скопје загина една од најголемите македонски кошаркарски легенди, Благоја Георгиевски – Буштур.

Георгиевски, според се уште неофицијални информации, животот го загуби во скопската општина Кисела Вода каде изгубил контрола над својот автомобил, излетувајќи надвор од лизгавиот пат по што удрил во бетонските блокови поставени покрај булеварот.

Благоја Георгиевски е роден на 15. октомври во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клуб со кој се натпреваруваше во Првата југословенска кошаркарска лига. Во сезоната 1975/76 популарниот Буштур, заедно со Работнички, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на Куповите.

Георгиевски беше и член на младинската репрезентација на Југославија. А со таа селекција, предводена од Лазар Лечиќ, Буштур ја освои Балканијадата во Ријека одржана во 1970 година. За време на младинското Европско првенство во Атина, нашиот кошаркарски великан го освои четвртото место. Во 1971 година, беше дел од југословенската сениорска репрезентација која настапи на ЕП во Западна Германија, каде се закити со сребреното одличје. Георгиевски беше учесник и на Летните олимписки игри во 1976 година кои се одржаа во Монтреал. Како составен дел на популарните „сини“, Буштур стигна до олимпиското сребро, што е најголемиот резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт.

По осамостојувањето, Георгиевски работеше и како тренер. Беше и селектор на македонската сениорска репрезентација. Беше член на Управниот одбор и на Собранието на Македонскиот олимписки комитет, претседател на олимпискиот совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во нашата земја. Член е на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет од 1997 година.

Се вчитува...