Големи проблеми за Данска – „Хансен едвај зборува, буквално сите се заразени“

Селекторот на Данска, Николај Јакобсен се соочува со големи проблеми пред последниот натпревар од главната групна фаза на Светското првенство против Хрватска. Буквално цел тим на Данците е заразен со стомачен вирус, проблем кој почнал во саботата.

Микел Хансен не можеше да игра ни на мечот против Јапонија, а дефинитивно е надвор од настап и за вечерашниот меч. Да биде проблемот уште поголем Јакобсен вечерва нема да може да смета ниту на Мадс Менсах, Мортен Олсен и Ласе Андерсон кои исто така се предводници на тимот на Данска.

„Состојбата на Микел беше катастрофална. Сега сме среќни што едвај почна да зборува. Далеку е од добро, не може ниту да јаде. Голем дел од ракометарите не сакаа да излезат од хотели само за да бидат блиску до тоалет. Наш приоритет е да бидеме подготвени за четвртфинале, а со Хрватска навистина не знам кој ќе ми игра“, изјави Јакобсен. 

Позитивно е тоа што Данска веќе обезбеди пласман во четвртфиналето од шампионатот, а сега се отвора шанса и за Хрватска која со победа и покрај киксот против Аргентина, може да се пласира меѓу осумте најдобри на шампионатот.

Се вчитува...