Ѓоре Јовановски: Младите покажаа фудбалска моќ, тактичка зрелост со Шпанија…, претставуваат голема македонска перспектива

Македонската репрезентација до 21 година ги заврши подготовките во Скопје и утре наутро патува за Фарски острови на пресметката од 6. коло од квалификациската група за пласман на Европското првенство 2022. По несреќниот пораз од Шпанија на националната арена кога примивме гол од пенал, а ние не реализиравме удар од единаесет метри, фудбалерите на Благоја Милевски со измешани чувства.

Еден од нашите најтрофејни тренери и поранешен селектор на А репрезентацијата на Македонија, Ѓоре Јовановски, анализирајќи го настапот на младите вели дека фудбалерите од селекцијата до 21 година заслужуваат само честитки за прикажаната игра против Шпанија и за односот кои го покажаа кон репрезентативниот дрес.

„Кога од секој агол ќе се анализира натпреварот, ние можеме да бидеме само горди на прикажаното од наша страна. Ова го велам и од стручен аспект, но тоа го потврдуваат и луѓе кои фудбалот го следат на поинаков начин или единствено како гледачи“ – вели Јовановски и дополнува:

„Фудбалерите на Милевски заслужуваат честитки пред се заради односот кон играта, тактичката зрелост и безусловното држење до инструкциите од стручниот штаб. Шпанија е светска фудбалска сила и тие се посебно доминантни во младите категории, а кога на еден таков состав нема да му дозволите да создаде ниту една шанса или полуприлика за погодок, тогаш знаете дека сте завршиле голема работа. Овие момци од Македонија до 21 година имаат квалитет и сметам дека се голема перспектива на нашиот фудбал. Психолошки, сметам дека натпреварот со Шпанија може само позитивно да влијае на фудбалерите спроти дуелот со Фарски Острови. Момците покажаа дека можат да се надигруваат со најдобрите и треба да го задржат тоа ниво. Ќе влеземе како фаворити, но треба да бидеме и внимателни. Немам сомнение дека селекторот ќе направи добра подготовка за дуелот, а играчите треба да го повторат професионализмот и одностот кон играта. Мислам дека сме на вистинскиот правец и верувам во оваа репрезентација“.

Македонската репрезентација до 21 година на 8. септември од 15:00 часот по македонско време го игра натпреварот против Фарски Острови на теренот „Торшловур“ во Торшавн.

Се вчитува...