Ѓоргиев: Против Полска ќе уживаме на терен, а потоа следат два меча за да ја избегнеме Италија

Капитенот Никола Ѓоргиев одигра уште еден одличен натпревар во дресот на националниот тим, предводејќи ја Македонија до извонредна победа на дуелот со Црна Гора.

Синоќешните 3-0 против Црногорците значат и сигурен пласман во осминафиналето од ЕП 2023, историски успех за македонската одбојка.

„Излеговме со таа ментална сила на терен, свесни дека сме подобри и дека тоа мораме да го покажеме, што и се случи. Се виде дека сме многу порелаксирани отколку против Данска, против Црна Гора бевме порастоварени, знаевме дека „тргна возот“ и дека кога ние ќе тргнеме во ритамот што го посакуваме тешко може да бидеме запрени. Честитки до сите момци, до цела Македонија, со овие шест бода веќе сме во нокаут фазата во Бари, но зошто да не отидеме и чекор понатаму, да бидеме барем трети во групата и да избегнеме осминафинале со домаќинот Италија“, вели Ѓоргиев.

Денеска на програмата е дуелот со моќната Полска, меч за кој нашиот капитен порачува дека сите одбојкари треба да уживаат во него. Потоа пак ќе следат пресметките со Холандија и со Чешка на кои нашите одбојкари ќе се обидат да ги замрсат сметките на фаворитите и да стигнат до третото место во групата.

„Ќе излеземе на терен и ќе играме слободно, па што може да загубиш против гигант каков Полска. Ќе удираме сервис со сета сила бидејќи само така можеме да се обидеме да им парираме. Тоа е селекција со 14 одбојкари од највисока светска класа. И да дојдат други 14 на нивно место најверојатно ќе слават против нас, разликата е огромна, но ние нема да се предадеме, ќе се бориме. Ќе уживаме овој натпревар против една од најдобрите репрезентации во светот, а потоа во вторник и во среда против Холандија и Чешка ќе се обидеме да стигнеме барем до еден триумф за да го освоиме барем третото место за да не играме со Италија во Бари“, вели капитенот на македонскиот национален тим.

Се вчитува...