Гостивар не запира со победите

Гостивар останува рамо до рамо со МЗТ Скопје на делба на врвот на прволигашката табела откако тимот на Марјан Србиновски рутински ја доби денешната средба со Вардар (77-68). Избраниците на Марјан Србиновски не одиграа на нивото на кое минатиот викенд среде Аеродром го совладаа МЗТ Скопје, но и она што го прикажаа на денешниот дуел беше сосема доволно за да се прокнижат посакуваните бодови.

„Црвено-црните“ изненадија со подобра игра на самиот почеток, отворајќи го натпреварот со водство од 2-9, но домаќините се разбудија од почетниот сон и ја добија првата четвртина со 21-17. Вториот период мина во израмнета игра, на одмор се замина со минимално водство на Гостивар од 35-33, а отпорот на гостите од Скопје беше скршен дури на почетокот од четвртата четвртина, во која гостиварци дојдоа до двоцифрена предност од 65-54 со тројката на Доналдсон, позитива што потоа рутински ја претворија во нова победа.

Џелетовиќ со 21 поен беше најдобар стрелец на Гостивар, одличен беше и Доналдсон, реализирајќи 16 поени, 10 скокови и шест асистенции. Кај Вардар во добро светло се покажаа Робев со 19 поени и Темелковски со дабл-дабл од 15 поени и 15 скокови.

Се вчитува...