Гостивар тргнува со засилувања, Ѓурасовиќ и Димчевски пред потпис

Новиот прволигаш Гостивар почнува со екипирање на ростерот за натпреварувачката сезона во која гостиварци ќе го имаат својот камбек во елитното македонско кошаркарско друштво. Во изминатиот период се разговараше со неколку домашни и странски кошаркари, а постигнат е договор за соработка со Никола Ѓурасовиќ. Станува збор за играч кој минатата сезона прикажуваше одлични настапи во дресот на Кожув и за чии услуги се интересираа уште неколку екипи од Македонија. Раководството на Гостивар сепак успеа да го крилниот кошаркар убеди да ја прифати понудата на новиот прволигаш, па се очекува договорот да биде потпишан во следните неколку дена.

За очекување е заедно со Ѓурасовиќ договор со Гостивар да потпише и Ивица Димчевски. Поранешниот репрезентативец ланската сезона ја мина заедно со Ѓурасовиќ во Кожув, но начелно ги договорил условите за соработка со гостиварци.

Тимот на Марјан Србиновски ќе стартува со подготовки во втората половина од месец август, а дотогаш се очекува ангажман на уште неколку квалитетни кошаркари кои ќе го понесат главниот товар во претстојната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...