Гвардиола горд: Не се предадовме ниту кога бевме на „минус седум“

Пеп Гвардиола има причина да биде горд откако Манчестер Сити стана првата екипа во последните десет години што две сезони по ред се задржала на тронот на англискиот фудбал. Тој како клучен фактор за успехот го потенцираше карактерот на својот тим во текот на целата сезона, дури и во периодот кога Ливерпул имаше удобна предност на врвот на табелата.

„Му честитам на Ливерпул и искрено му благодарам на овој ривал бидејќи ни помогна да покажеме дека сме спремни за борба, уште поголема од ланската сезона. Оваа титула ми е многу значајна, сезоната беше неверојатна, но дури и кога Ливерпул имаше седум бода повеќе од нас, знаевме дека ништо не е готово, не се предадовме. Ова ми е најтешко освоена титула во кариерата, но сите одговоривме на предизвикот“ – истакна Гвардиола.

Пеп и неговите избраници веќе го освоија и лига-купот на Англија, па доколку наредниот викенд слават и во ФА Купот, „граѓаните“ ќе станат прв тим во историјата на англискиот фудбал што во иста сезона ги кренал трите пехари.

Се вчитува...