Гвардиола има план: Бразилец на местото на Кевин де Бруине

Манчестер Сити се уште е во игра за одбрана на тројната круна освоена лани, но „граѓаните“ покрај одбраната на овие трофеи размислуваат и за составување на играчкиот ростер и за летниот преоден рок.

Кевин де Бруине е најзвучното име од тимот на Манчестер Сити што се поврзува со заминување од клубот. Белгиецот ќе влезе во последната година од договорот, а честите повреди се причина поради која „граѓаните“ не планираат да му понудат продолжување на соработката под слични услови (фудбалскиот генијалец е еден од најплатените играчи во Премиер-лигата). Гвардиола јавно изјави дека сака Де Бруине да остане, но ставот на клубот е јасен – ако не се продолжи договорот наскоро тој ќе биде ставен на трансфер-листа во обид да се заработи добро на интересот од Саудиска Арабија за овој одличен фудбалер.

Поради ова, Гвардиола веќе ги разгледува опциите на пазарот, а на врвот од листата со желби на стратегот на Сити се наоѓа Бруно Гимараеш. Бразилецот беше прво засилување во „новата ера на Њукасл“, воедно и играч кој максимално ги оправда вложените пари. Сепак, неамбициозноста на овој клуб кој е далеку од врвот е причина Бруно да размислува за трансфер во топ-екипа, а Манчестер Сити е подготвен да тргне во летна офанзива.

Британските медиуми најавуваат дека Њукасл ќе бара 75 милиони фунти за својот најдобар фудбалер, сума што не е проблем за газдите на Манчестер Сити кога станува збор за исполнување на желбите на Гвардиола.

Се вчитува...