Гвардиола се коцкаше, Сити е во нокдаун од надмоќниот Ливерпул

Ливерпул за само петнаесетина минути игра поведе со 2-0 во полуфиналето од ФА Купот против Манчестер Сити, казнувајќи ги тактичките одлуки на Пеп Гвардиола во пресрет на мечот.

Имено, стратегот на Сити реши да одмори бројни првотимци, меѓу нив и првиот голман Едерсон, а токму неговиот заменик Штефен е главен виновник за вториот гол на „црвените“.

Ливерпул поведе по само девет минути игра откако Конате одлично скокна по еден корнер од левата страна, постигнувајќи го својот трет гол во последните десетина дена (по двата на двете средби во ЛШ со Бенфика).

Водечкиот гол им даде крила на „црвените“, па Мане зголеми на 2-0 казнувајќи ја заспаноста на Штефен, стигнувајќи да го блокира неговиот обид да ја избие топката, по што таа заврши во мрежата.

Се вчитува...