Хајдук со шлаканица за Динамо среде Загреб

Големата резултатска криза на Динамо продолжи и по тренерската смена, откако Зоран Мамиќ го загуби големото дерби од Хајдук, и тоа на домашен терен на „Максимир“ со 2-3. „Модрите“ одиграа слаб меч, двапати имаа предност, но Хајдук успеа доминацијата да ја претвори во конечна победа на огромна радост на тренерот Тудор, на кого ова му беше прв триумф во седмата пресметка со Мамиќ.

Динамо беше подобар само во првите десетина минути, а откако Иванушец ги доведе домаќините во водство, гостите од Сплит целосно ја презедоа контролата над средината од теренот. Првата стопроцентна шанса ја имаа по пеналот што го направи Адеми, но Цакташ биеше крај дирекот. Хајдук успеа да стигне до 1-1 благодарение на младиот Чуиќ, кој својот прв гол во дресот за сплитскиот клуб го постигна токму на големото дерби на „Максимир“. Проблемите за Динамо уште повеќе се зголемија во последните секунди од првото полувреме, кога Гојак непотребно стартуваше грубо во еден воздушен дуел, добивајќи црвен картон.

Динамо и со играч помалку успеа да поведе преку Оршиќ, но тоталната офанзива на гостинскиот тим беше наградена во последните десет минути, најпрвин Чуиќ го постигна својот втор погодок за 2-2, пред Теофил со неспретна интервенција да ја затресе сопствената мрежа на огромна радост на фудбалерите на Хајдук.

Се вчитува...