Халанд доби признание надвор од фудбалот: „Да живеат писателите, учителите, книгите и училиштата!“

Норвешкиот репрезентативец и напаѓач на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, покажа дека фудбалот не е единственото нешто што го интересира во животот. И неговиот ангажман надвор од терените е потврден и награден.

Имено, Норвешката асоцијација на библиотекари му ја додели престижната награда „Пријател на годината“, за неговиот извонреден придонес во промоцијата на книгите и културата на читање.

Поради обврски, Халанд не можеше лично да присуствува на церемонијата на доделување награди, па затоа неговите помлади сестри, 12-годишната Нора и 14-годишната Софи, ја примија наградата место него.

Сепак, Халанд се обрати на публиката преку видео испраќајќи инспиративна порака во која ја нагласи важноста на образовниот систем.

„Да живеат писателите, наставниците, учениците, училиштата и книгите. Сите тие заедно сочинуваат важна тимска работа“, рече Халанд.

Неговата посветеност на пишаниот збор неодамна доби конкретна и историска димензија, бидејќи ја купи најскапата книга во историјата на својата земја.

Тоа е првото печатено норвешко издание на „Кралевите саги“, ремек-дело на исландскиот хроничар и поет Снори Стурлусон. За оваа културна реткост, Халанд издвои 120.000 евра, или 1,3 милиони норвешки круни.

Покрај зачувувањето на националното наследство, напаѓачот на Сити активно инвестира во локалната заедница и младите. Тој ја потврди својата врска со родниот Брин, градот каде што ги направи своите први фудбалски чекори, со донции во локалната библиотека. Неговото учество вклучува и спонзорирање на натпревар во читање во основно училиште во покраината Рогаланд. Мотивацијата за учениците не можеше да биде подобра – победничкиот клас ќе биде гостин на Халанд на натпреварот на норвешката репрезентација во Осло, а фудбалерот лично ќе ги покрие сите трошоци за превоз, сместување и престој.

Зад овие потези стои личната желба на Халанд за идните генерации.

„Имам силна врска со Брин и купувањето на споменатата книга е мој подарок за тоа. Никогаш не сум бил премногу заинтересиран за читање и многу ми е жал за тоа. Сега разбирам колку е важно тоа на млада возраст, во времето кога се раѓаат соништата“, рече норвешкиот ас, докажувајќи дека вистинските победи не се постигнуваат само на фудбалски терени.

Се вчитува...