Хелиос доаѓа пред празни трибини во Аеродром

МЗТ Скопје вечерва во 19 часот ќе го пречека Хелиос во рамките од 18. коло во АБА2 лигата, дуел што ќе се одигра пред празни трибини поради изречената казна врз македонскиот првак за инцидентот на дуелот со Сутјеска. Хелиос во првиот натпревар славеше минимално над „сино-белите“ со 78-76, а тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов, предупредува дека неговите избраници нема да имаат нималку лесна задача да се реваншираат за тој пораз.

„Хелиос е незгодна екипа, која игра одлично во транзиција и има одлични шутери, што може да победи секого ако и се дозволи да игра како што сака. За нас е голем хендикеп што ќе играме пред празни трибини, но играчите се свесни за значењето на овој натпревар. Ќе направиме се за да дојдеме до победа на домашен терен, со што ќе бидеме уште поблиску до примарната цел – пласман во плејофот“, изјави Кочов во пресрет на оваа средба.

За очекување е на денешниот натпревар своето деби во дресот на „металците“ да го има и најновото засилување на македонскиот првак, турскиот центар Берке Атар.

Се вчитува...