Хесус: Разбирам дека Агуеро е легенда, но здодевно е да се седи на клупата

Габриел Хесус отворено проговори за незадоволството поради фактот што поголемиот дел од натпреварите на Манчестер Сити ги почнува од клупата за резерви. Бразилецот пристигна во Манчестер во јануари 2017 како талент и резервна опција за Серхио Агуеро, но Хесус веќе наполни 22 години и сега очекува да има позначајна улога во таборот на „граѓаните“.

„Мислам дека ја надминав фазата кога треба да чекам да ми се укаже шанса. Ова ми е четврта сезона во Сити, што само ја прави поголема желбата да играм што почесто. Се ми е јасно, се борам за место во тимот со Серхио Агуеро кој е клупска легенда и нормално е Пеп Гвардиола да го почитува Агуеро. Факт е дека тимот игра одлично кога е Серхио во нападот, но играме одлично и кога јас ќе добијам шанса. Не сум лут на никого, само понекогаш ми пречи кога луѓето зборуваат за мене како за вечна резерва. Тоа не е случај, не затоа што јас не сум во форма, едноставно затоа што Агуеро е извонреден“ – истакна Хесус.

Минатото лето тој беше поврзуван со трансфер во Атлетико Мадрид, но реши да остане во редовите на англискиот првак. Сепак, доколку ситуацијата наскоро не му се подобри лесно може да се случи тој самиот да инсистира на заминување на крајот од сезонава.

Се вчитува...