Хјустон во финишот го „сруши“ Мајами, Шарлот подобар од Сакраменто

Хјустон потешко од очекувањата пред своите навивачи дојде до победа над Мајами од 99-90 во синоќешниот натпревар во НБА лигата.

Мајами подобро го почна мечот, со водство по првиот период, но домашните полека се враќаа во игра за да дури во финишот успеат да стигнат до пресврт и комплетно да го „скршат“ отпорот на гостите благодарение на поените на Крис Пол и Клинт Капел.

Најефикасен во победата на Хјустон беше Џејмс Харден со 28 поени, додека по 16 поени постигнаа Крис Пол и Ерик Гордон. Кај Мајами се издвои Хасан Вајтсајд со „дабл-дабл“ ефект од 22 поени и 13 скока.

Шарлот на свој паркет славеше против „фенерџијата“ во Западната конференција, Сакраменто, со 112-107.

Домашните до триумфот ги предводеа Кемба Вокер со 26 поени, а 18 поени дополни Ламб. Кај Сакраменто се истакна Скал Лабисие со 23 поени.

Атланта ја запиша третата победа во последните пет меча, славејќи против Јута со 104-90. Атланта ја предводеше Денис Шродер со 20 поени, додека кај Јута Алек Буркс постигна 17 поени.

Њу Орлеанс по продолжение славеше против Чикаго со 132-128, Далас беше подобар од Вашингтон со 98-75, Денвер го совлада Портланд со 104-101, а во последниот меч од вечерта Минесота на гостински терен славеше против ЛА Клиперс со 118-126.

Се вчитува...