Бостон славеше со 99-98 на домашен терен против Хјустон во најинтересниот натпревар од синоќешната програма во НБА лигата.
Хјустон прокоцка чиста победа откако по првата четвртина имаше предност од неверојатни 20 поени (32-12), а веќе на полувремето и и водство од 62-38.
Сета таа предност гостите ја чуваа и низ третата четвртина, а откако на почетокот од последниот период се имаше повторно двоцифрена предност малку кој веруваше дека Бостон ќе стигне до победата. Но, домашните дојдоа до егал завршница. Харден на 11 секунди пред крајот реализираше две слободни фрлања за предност од 95-98, за да Татум на седум секунди до крајот го врати својот тим до -1.
И, потоа следеа петте секунди на Харден од пеколот. Најдобриот кошаркар на Хјустон направи два офанзивни прекршоци. По првиот пат Бостон дојде до предност преку Хорфорд од 99-98, а потоа на три секунди до крајот Харден повторно погреши за конечна победа на домашните.
Харден мечот го заврши со 34 поени и 10 асистенции, а во победничката екипа Кајри Ирвинг заврши со 26 поени, додека Татум имаше 19 поени.
Бостон по оваа победа остана првопласиран тим на Истокот со 29 победи и 10 порази, додека Хјустон е втор на Западот со 25 победи и 8 порази.
Сан Антонио, пак, славеше на свој терен против Њујорк со 119-107. Најефикасен во победничкиот тим беше Олдриџ со 25 поени, а на спротивната страна беа Бисли со 23 поени и Порзингис со 18 поени.
Сигурен домаќин беше и Милвоки кој ја совлада Минесота со 102-96. Иако гостите во поголемиот дел од мечот беа во предност, Бакси благодарение на одличниот последен период кој го добија со 27-12 стигнаа до ваѓна победа.
Бледсо со 26 поени е прво има на дуелот, а го следеа Антетокуомпо и Таунс со по 22 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА