Хјустон запрен од анонимусот Скот Кузма

Серијата од 14 победи на Хјустон рокетс изненадувачки беше прекината синоќа, откако „ракетите“ сосема неочекувано загубија на домашен терен од ЛА лејкерс со 116-122. Најголемо изненадување за тимот со најдобар скор во лигата беше Скот Кузма, дебитантот на лејкерси кој го одигра својот најдобар меч во кратката НБА-кариера, погодувајќи седум тројки за вкупно 38 поени. Џејмс Харден постигна 51 поен за „ракетите“, но и тоа беше премалку за да се стигне до 15. победа сезонава.

Постигнав 30 поени во Летната лига, така што… ова не ми е ново“ – со насмевка коментираше Кузма по мечот.

Бостон селтикс неочекувано загуби пред своите гледачи од Мајами со минимални 89-90. Ланскиот член на Бостон, Кели Олиник, го зеде скалпот на својот поранешен клуб постигнувајќи рекордни за него 32 поени. На спротивната страна Кајри Ирвинг беше прв стрелец со 33 поени, но асот на селтикси го промаши шутот за победа со звукот на сирената.

Голден стејт влезе во шампионски ритам, па славеше над Мемфис со 97-84 за својата десетта победа во низа. Успешната серија е уште позначајна ако се знае дека победи се нижат без помошта на повредениот Стеф Кари, а против Мемфис во главна улога беше Томпсон со 29 поени.

Резултати НБА: 

Шарлот – Торонто 111-129, Атланта – Индијана 95-105, Бостон – Мајами 89-90, Бруклин – Сакраменто 99-104, Чикаго – Орландо 112-94, Хјустон – ЛА лејкерс 116-122, Оклахома – Јута 107-79, Далас – Детроит 110-93, Денвер – Минесота 104-112, Голден стејт – Мемфис 97-84, ЛА клиперс – Феникс 108-95

Се вчитува...