Хорор од три минути: Македонија прокоцка екстра-полувреме, па загуби од Шпанија

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација претрпе уште еден убедлив пораз во групата Б од СП 2019 во Минхен, откако избраниците на Раул Гонзалес загубија од Шпанија со убедливи 32-21. Можеби за многумина поразот беше однапред пресметан, но разочарување постои пред се поради извонредното прво полувреме во кое Македонија го контролираше резултатот речиси до самата пауза. Сепак, пресудни беа катастрофалните први три минути од второто полувреме во кои противникот ни направи серија од 5-0, по што Гонзалес ги повлече од игра најдобрите ракометари, чувајќи ги за утрешниот клучен натпревар против Исланд.

Повторно мечот го почнавме со „седум на шест“ од првата минута, но стартниот напад не го реализиравме откако Манасков биеше само во дирекот. Промена имавме на голманската позиција, каде Митревски одлично го отвори мечот со одбранет зицер на Агинагалде. Кузмановски го постигна првиот гол на натпреварот, а Македонија почна одлично, па со двата гола на Кире Лазаров во 8. Минута поведе со 4-2. Македонските навивачи беа на нозе, а еуфоријата порасна кога веќе во наредната минута Лазаров асистираше до Манасков за „цепелин“ и водство од 5-2. Шпанците ја запреа нашата серија откако Кузмановски беше исклучен, па Агинагалде од втор обид (Митревски со својата петта одбрана претходно го запре Душебајев) го најде патот до мрежата.

Кузмановски шутираше крајно непрецизно при водство од 6-3, а во следниот напад имавме два неуспешни обиди за цепелин, по што „фуријата“ експресно намали на 6-5, а Раул Гонзалес веднаш побара тајмаут. Ентрериос израмни на 6-6, а потоа имавме многу среќа откако два удари во ист напад на Шпанците завршија во гредата од голот на Митревски. Првото водство на Шпанија се случи во 20. Минута, кога Гонзало Перез де Варгас од својот гол ја затресе мрежата на Митревски (7-8). Георгиевски промаши зицер од контранапад при израмнети 8-8,  потоа при резултат 9-9 Манасков заработи исклучување, а само десетина секунди подоцна судиите престрого го исклучија и Стоилов. Македонија продолжи во одличен ритам, Лазаров постигна прекрасен погодок, а веднаш потоа Митревски одбрани зицер додека имавме двајца играчи помалку на теренот.

Филип Лазаров постигна гол за ново водство на Македонија од 11-10, но Георгиевски и Манасков промашија од одлични ситуации да донесат нови „плус два“ за нашата селекција. Шпанија остана со играч помалку на крајот од полувремето, но и во таква ситуација „фуријата“ стигна до минимално водство од 12-13 со погодокот на Сармиенто постигнат на две секунди до крајот.

Вториот дел го почнавме со играч повеќе на теренот, но за 30 секунди два пати ја загубивме топката, по што Шпанија со контранапади експресно поведе со 12-15. Веќе во следниот напад – нова грешка и гол во празна мрежа на Канелјас. Катастрофалниот старт на второто полувреме продолжи, па за неполни три минути во второто полувреме Македонија се најде во негатива од дури шест гола (12-18). Раул побара тајмаут, а по минутата одмор електорот реши да ги повлече од игра Кире Лазаров и Филип Лазаров, давајќи им шанса на Чурлевски и на Серафимов против актуелниот европски првак. Потоа во игра влегоа и Крстевски и Танкоски, а подмладувањето во нашите редови придонесе и противникот за момент да го намали темпото на игра.

Резултатот на половина од второто полувреме гласеше 16-21, по што предноста на шпанскиот состав се движеше меѓу пет и седум гола разлика, за Дани Душебајев да погоди со помош на дирекот, за прво водство од осум гола за „црвената фурија“ (27-19). Последните минути беа само рутина за актуелните европски шампиони, кои го добија натпреварот со конечни 32-21.

Никола Митревски со 15 одбрани беше најдобар поединец во нашите редови, а во нападот најефикасни беа Пешевски со шест, Лазаров со пет и Кузмановски со четири погодоци.

Македонските ракометари утре во 18 часот го играат решавачкиот натпревар за пласман во втората рунда, директната пресметка со Исланд за третото место во групата.

Се вчитува...