Во пресрет на натпреварот меѓу Динамо Загреб и Шкупи од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите кој утре се игра на „Максимир“ во Загреб, хрватските медиуми со сеирџиски осврт кон македонскиот шампион.
Хрватски „Јутарњи лист“ го пренесува патешествието на фудбалерите на Шкупи на враќањето од Гибралтар по дуелот со Линколн, за кое нагласуваат дека е зачудувачки кога се работи за професионален клуб, шампион на една европска земја.
„Немаат сите финансиски можности за чартер лет, па во тој случај им преостануваат импровизации. Но, сето тоа е далеку од соодветно за професионални клубови затоа што играчите на долги и заморни патувања дополнително се трошат и тоа се чувствува во играта на терен“ – пишува „Јутарњи лист“ во приказната за Шкупи, и дополнува:
„Едно такво авантуристичко патување имаа и фудбалерите на Шкупи на гостувањето против Линколн во Гибралтар, каде пласманот во следното коло им висише по поразот од 2-0 од Гибралтарците. Но, поневеројатно од поразот звучат и информациите дека играчите на македонскиот шампион по натпреварот во Гибралтар осум часа престојуваа на плажа, за да следната дестинација им биде Виена, каде стигнаа со редовна линија од Малага. Клубот штедел на трошоци за сместување, и во Виена тимот кој го води Гоце Седлоски не бил сместен во хотел или некое друго слично сместување, туку играчите спиеле во ‘МекДоналдс’. Таму минале десет часа, а видео запис од таа несекојдневна глетка осамна и на социјалните мрежи. Потоа од Виена со авион до Белград, за да патешествието продолжи со автобус од Белград до Скопје. Навистина чудна организација на патување, посебно ако се знае дека УЕФА и тоа како финансиски го наградува учеството во европските натпреварувања. Вкупно Седлоски и неговите играчи на пат минале два дена, што е зачудувачки за шампион на една европска земја“.
Натпреварот меѓу Динамо Загреб и Шкупи од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите се игра утре од 21 часот на „Максимир“ во Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА