Хрватска е без селектор, што е следно за Далиќ?

Хрватска несреќно загуби во 1/16 финалето од Португалија и го заврши настапот на СП 2026, со што и официјално истече договорот што селекторот Златко Далиќ го имаше со федерацијата како предводник на „коцкестите“.

Далиќ е речиси девет години на чело на хрватскиот национален тим и веќе си го зацементира местото како најуспешен на сите времиња, носејќи ја Хрватска до финале на СП 2018, бронза на СП 2022 и сребро во Лигата на нации во 2023 година.

Во месеците пред овој мундијал хрватските медиуми пишуваа дека селекторот е подготвен да си замине во потрага по нов предизвик, особено откако повторно добил интересни понуди од Саудиска Арабија и Катар. Тој тогаш ги демантираше гласините истакнувајќи дека фокусот му е само на Хрватска и на СП 2026, а веднаш по поразот одби да даде било каков коментар за својата иднина.

„Немам коментар. Има време кога да разговараме за тоа“, кратко порача Далиќ. 

Фактот дека за темата се молчи и во федерацијата само ги зголемува шансите за разделба од успешниот стратег, но се очекува во наредните денови да се појават и официјални информации околу иднината на Далиќ во репрезентацијата.

Се вчитува...