Хрватска и без најдобрите го демолираше Бахреин

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Хрватска останува со максимален ефект и по четвртото коло од групата Б откако селекцијата предводена од Лино Червар славеше убедливо над Бахреин со резултат 32-20. Разликата во класи му овозможи на Червар да им даде заслужен одмор на голем дел од клучните ракометари, но и „вториот тим“ на Хрватите се покажа во одлично светло и оствари убедлива победа.

Лука Циндриќ, кој воопшто не влезе во игра во претходните две кола, денеска беше стартер, но по раното убедливо водство се пресели на клупата за резерви. „Коцкестите“ во првите 30 минути го демолираа противникот стигнувајќи до двоцифрена предност, а откако на одмор заминаа со позитива од 19-9, во вториот дел умешно го контролираа резултатот се до конечните дванаесет гола разлика.

Мануел Штрлек, кој на овој шампионат му е резерва на Мандиќ, максимално ја искористи денешната шанса постигнувајќи 11 погодоци, пет гола постигна Бичаниќ, а по четири пати прецизни беа Вранковиќ и Вида.

Хрватска и Шпанија утре во последниот натпревар од групата Б во Минхен ќе водат директна битка за првото место и пренесување на што повеќе бодови во следната рунда во Келн.

Се вчитува...