Хрватска и Франција во мундијалското финале!

Фудбалската репрезентација на Хрватска ќе ја предизвика Франција во големото финале на Светското првенство во Русија. Хрватите во драматична борба, по продолженија, ја совлада Англија со 2-1, со целосен пресврт, откако селекцијата на гордиот Албион прва поведе во полуфиналниот двобој.

Киран Трипие донесе водство за Англичаните уште во петтата минута од натпреварот. Одлично изведе слободен удар и ја затресе мрежата на Субашиќ од 20 метри.

Хрватите долго бараа израмнување, а го донесе Иван Перишиќ во 68.минута. Тој совршено реагираше на центаршутот на Врсаљко и со волеј – удар ја испрати топката зад грбот на Џордан Пикфорд. Мечот отиде во продолженија, двете селекции мораа да вложат натчовечки напори во дополнителните 2 х 15 минути.

А во нив, Марио Манџукиќ се покажа како херој за Хрватска. Во 109.минута, доби употреблива топка во шеснаесетникот и со удар со левата нога ја одведе својата репрезентација во големото финале.

В недела, Хрватска и Франција ќе играат за големиот трофеј на Светското првенство во Русија. Селекциите на Англија и на Белгија ќе се борат за третата позиција.

Се вчитува...