Пикси се сликаше со Вучиќ, па стана кандидат за селектор на Србија

Владан Милојевиќ и Саво Милошевиќ повеќе не се главни фаворити за нов селектор на Србија, откако во трката за оваа функција се вклучи и легендата на српскиот фудбал, Драган Стојковиќ – Пикси. Овој стручњак веќе извесно време работи на далечниот Исток, но по финансиската криза во Кина е подготвен за камбек во Србија, и тоа како предводник на националниот тим по неуспехот во баражот за пласман на ЕП 2021.

Интересно, името на Стојковиќ се вмеша во трката за нов селектор откако денеска тој се појави на заедничка фотографија со српскиот претседател Александар Вучиќ. Стојковиќ беше почесен гостин на церемонијата за поставувањето на камен – темелник за јапонска фабрика за пневматици во Инџија.

Голема благодарност до Пикси Стојковиќ и до Дика Стојановиќ за поддршката што денеска ја дадоа на Србија, при доаѓањето на јапонските инвеститори во Инџија“, истакна Вучиќ.

Дали за „награда“ Пикси ќе го добие селекторското место, останува да се види наскоро, со оглед на фактот дека Српската Фудбалска Федерација најави дека најдоцна до крајот на годинава ќе го објави името на наследникот на Љубиша Тумбаковиќ.

Се вчитува...