И Бенјамин Демир се раздели со Работнички

Младинскиот репрезентативец Бенјамин Демир е уште еден фудбалер кој во летниот преоден рок заминува од Работнички.

20-годишниот Демир веќе има слободни документи, разделувајќи се со клубот во кој ги мина изминативе шест месеци. Слободни фудбалери се и Горан Силјановски и Филип Ивановски, но наредниов период се очекуваат разговори со нив околу евентуалното идно останување во клубот.

„Договорно ја прекинавме соработката со Работнички. Сакам искрено да се заблагодарам на досегашната соработка на стручниот штаб и раководството, но морав да заминам затоа што посакувам да бидам во клубот каде ќе имам поголема минутажа. Потребна ми е поголема минутажа и како би се наметнал пред селекторот Благоја Милевски во борбата за националната селекција која од септември стартува нов квалификациски циклус“ – вели Демир.

Работнички досега се засили со двајца фудбалери, крилниот офанзивец Стојанче Велинов од Ренова и Енис Дервиши од Шкендија, а во преговори е за ангажман на фудбалерите на Шкупи, Бесир Исени и Флоријан Кадриу.

Се вчитува...