И Шведска на колена пред македонските „спартанци“

Македонските одбојкари продолжија со извонредни настапи на стартот од Европската лига, откако и во третиот натпревар од турнирот во Скопје се радуваа на триумф. Овојпат „црвено-жолтите“ за противник ја имаа Шведска, која за разлика од Азербејџан и Албанија успеа да освои еден сет, но не и да „украде“ бод во пресметката со нашите „спартанци“, кои заслужено славеа со 3-1 во сетови.

Израмнето беше единствено во првиот сет, во кој Македонија се врати по негатива од 20-22, имаше и сет топка при 24-23, но потоа имавме промашен сервис, за Шведска да наниже уште два поени и да слави со 26-24. Сепак, тоа беше се што скандинавската селекција успеа да стори на овој натпревар, откако Македонија целосно ја презеде контролата во остатокот од дуелот.

Вториот сет беше израмнет само до 6-6, кога на сервис застана македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој нанижа шест поени. На крилата на таа серија Македонија лесно го исконтролира резултатот и го доби сетот со 25-17, а потоа со уште поголема самодоверба влезе во остатокот од натпреварот. „Спартанците“ го добија третиот сет со 25-18, а потоа и во четвртиот целосно го контролираа резултатот, на крајот заслужено триумфирајќи со 25-18, за конечна победа од 3-1 и заокружување на овој супер-успешен викенд.

Се вчитува...