Тотенхем го игра своето прво полуфинале во Лигата на шампионите во клупската историја, и тоа против повеќекратниот европски првак Ајакс. Сите фудбалери на „спарси“ се максимално мотивирани, но за четворица од нив овој двомеч има дополнително значење – поради фактот дека најважните чекори во својата кариера ги направиле носејќи го дресот на гигантот од Амстердам.
Кристијан Ериксен, Тоби Алдерверелд, Јан Фертонген и Давинсон Санчез, тоа е „квартетот асови“ на лондонскиот клуб кој за ривал вечерва ќе го има својот поранешен тим.
Прв нога повлече Фертонген, кој дојде од Ајакс на „Вајт харт лејн“ во трансфер вреден 12,5 милиони евра. По него следеше Кристијан Ериксен, кој во 2013 година дојде од Ајакс во Тотенхем за сума од 13,5 милиони евра. Данецот во меѓувреме се промовираше во еден од најдобрите плејмејкери во светскиот фудбал, па неслучајно е проценет на 100 милиони евра, а Реал Мадрид ја предводи листата на клубови што сака да го ангажира во летниот преоден рок.
Тоби Алдерверелд е „дете на Ајакс“, тој има настапувано со Фертонген и со Ериксен, но во Тотенхем стигна преку Атлетико Мадрид, откако Покетино се согласи да му плати на Диего Симеоне 16 милиони евра за овој белгиски репрезентативец.
„Четвртиот мускетар“ е Давинсон Санчез, колумбискиот интернационалец кој останува најскапо засилување во историјата на Тотенхем во трансфер вреден 45 милиони евра. Тој се уште се нема наметнато како лидер согласно инвестицијата, но Санчез има само 22 години и се очекува во следната сезона да биде предводник на одбраната на „спарси“, особено ако се реализираат најавите за заминување на Алдерверелд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА