Икарди: Победата во Рим е добар знак за Интер

Интер извонредно ја стартуваше новата сезона во Серија А, па и покрај незгодниот распоред „нероаѕурите“ во првите две кола ги совладаа Фиорентина и Рома. За триумфот над римскиот клуб да биде уште посладок, со него е прекината традицијата од осум години без славје на „Олимпико“. Најзаслужниот за оваа победа, двојниот стрелец Мауро Икарди, досега немаше постигнато гол на седумте средби на овој стадион, но синоќа беше во елемент и повторно како и во првото коло беше предводник на својот тим.

Победата во Рим е добар знак за Интер, бидејќи ние допрва ќе напредуваме како екипа. Ова е само почеток на сезоната, со неколку нови играчи и со нов тренер, се уште се адаптираме едни на други. Затоа овој триумф е толку значаен, одигравме фантастично второ полувреме, се боревме на теренот и ги заслуживме трите бода. Тоа е доказ за силата на Интер, но мораме да играме идентично и на следните натпревари“ – изјави Икарди.

Следниот викенд е пауза во лигите ширум светот поради квалификациските средби за СП 2018, а Интер во третото коло од Серија А, закажано за 10 септември ќе го пречека тимот на Спал.

Се вчитува...