Илчо Наумоски во стручниот штаб на српскиот суперлигаш Динамо Врање

Поранешниот македонски репрезентативец Илчо Наумоски својата тренерска кариера ја продолжува во српскиот суперлигаш Динамо Врање.

Наумоски до крајот на сезоната во Суперлигата на Србија ќе биде вклучен како прв помошник на шефот на стручниот штаб Драган Антиќ, кој е и претседател на клубот. Антиќ неодамна доби историски висока казна од 15 месеци суспензија поради искажани ставови во јавноста, но останува да го води клубот и од претседателската функција…

„Задоволство ни е што еден клуб како Динамо Врање, кој за првпат оваа сезона обезбеди историски влез во Суперлигата на Србија, добива во стручниот штаб едно истакнато фудбалско име со огромно искуство на интернационалната сцена. Добро знаеме што значи Илчо Наумоски за овие фудбалски простори, истакнат поранешен репрезентативец на Македонија кој сигурно сме многу ќе помогне на тимот до крајот на сезоната“ – ни изјави Антиќ по промоцијата на Наумоски на клупата на Динамо Врање.

Последниот ангажман на Наумоски беше во младинската академија на кинесниот Нанџинг. Но, сега се одлучува за старт на европска тренерска одисеја во најсилниот шампионат на Србија.

„Мојата желба беше активно како тренер да се вклучам во професионалниот сениорски фудбал. Затоа и го прифатив повикот да бидам дел од стручниот штаб на Динамо Врање. Клубот е нов во елитата на Србија но со амбиции за опстанок, а од следната сезона да биде стабилен суперлигаш. Верувам дека ќе помогнам со сето мое досегашно искуство од интернационалната фудбалска сцена“ – ни изјави Наумоски.

35-годишниот Наумоски е поранешен фудбалер на австриските Рапид Виена, Грац и Матерсбург, италијанската Катанија како и турската Малатијаспор, а кариерата ја заврши во Вардар кога поради повреда мораше да се пренасочи на тренерската кариера. За репрезентацијата на Македонија има одиграно 45 натпревари со постигнати 10 погодоци.

Дебито на клупата на Динамо Врање, Илчо Наумоски ќе го има на 24. ноември во Белград против Партизан во 17. коло од шампионатот на Србија.

Се вчитува...