Индијана го шокираше Кливленд – не помогна ниту Леброн, за Харден не постојат граници

Кошаркарите на Индијана го изненадија Кливленд во првата четвртфинална средба во Источната конференција од НБА плеј-офот победувајќи на гости со 80-98.

Кливленд како голем фаворит влезе во пресметките со Индијана, но од самиот почеток на синоќешниот меч се виде дека не се пишува добро за домашните. Пејсерси лесно стигнаа до двоцифрена предност од стартот, на крајот од првата четвртина дури и до +21 поен.

Во третиот период се разбуди Леброн Џејмс па ја спушти разликата на само осум поени, но во последниот период Индијана повторно шутерски се активира и заслужено стигна до триумфот.

Виктор Оладипо ја предводеше Индијана со 32 поени, Тарнер постигна 16 поени дополнети и со осум скока, а Богдановиќ дополни со 15 поени. На Кливленд не му помогна ниту „трипл-дабл“ ефектот на Леброн Џејмс од 24 поени, 12 асистенции и 10 скока.

Оклахома во првиот четвртфинален меч на Западот беше подобра од Јута со 116-108. Пол Џорџ брилјираше со 36 поени и 7 скока, додека Расел Вестбрук имаше 20 поени, 8 асистенции и 13 скока.

Џејмс Харден е се посериозен кандидат за МВП титулата оваа сезонава во НБА лигата. Харден во победата на Хјустон над Минесота (104-101) за водство од 1-0 на стартот од серијата учествуваше со 44 поени и 8 асистенции. Капела постигна 24 поени, а најдобар кај гостите беше Вигинс со 18 постигнати поени.

Се вчитува...