Инфантино се кае: Таа идеја веќе нема да ја разгледуваме

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино  изјави дека предложил надворешна ревизија на начинот на кој организацијата носи клучни оперативни одлуки.

„Ќе побарам од Советот да се изјасни дали сака да нарача независна надворешна ревизија на тековната рамка за управување со ФИФА, како и да препорача можни подобрувања во рамките на организацијата“, оваа порака Инфантино ја упати до самиот Совет, но и до претседателите на сите 211 национални асоцијации-членки на ФИФА.

Тој исто така најави дека ќе понуди предлог за консултации со конфедерациите и националните асоцијации, сето тоа со цел да се подобри работата, односно нејзината транспарентност.

Во последните месеци, Инфантино се соочи со бројни напади, а најсилните критики дојдоа поради неговиот предлог за продажба на 20 отсто од уделот во комерцијалните права на ФИФА, вклучително и оние за Светското првенство, на приватни инвеститори. Во меѓувреме, од таа идеја се се откажа по најавениот бојкот од страна на европските и азиските фудбалски организации, како и од КОНКАКАФ.

„Тоа не беше одлука, туку предлог кој, како и секој друг, мора да добие одобрение од Советот и од националните асоцијации-членки. Веќе нема да ја разгледуваме таа идеја. Останувам целосно посветен на водењето на ФИФА и уверен сум во она што можеме заедно да го постигнеме. Важно е да се нагласи дека односот кон која било федерација нема да зависи од нејзиниот став за кој било предлог или тема“, заклучи Инфантино.

Се вчитува...