Италијанскиот калчолигаш Интер нема така лесно да се откаже од услугите на хрватскиот интернационалец Иван Перишиќ, иако постои огромен интерес за него од премиерлигашот Манчестер јунајтед. Жозе Мурињо инсистира тој да пристигне на „Олд трафорд“, но Интер не сака да го продаде по секоја цена. Најновата вест од Италија вели дека „нероаѕурите“ сакаат да го вклучат Антони Марсијал во зделката за Перишиќ.
Манчестер јунајтед би требало да се согласи да го испрати Французинот на „Џузепе Меаца“ и да доплати до сума од 50 милиони евра, колку што Интер го проценува својот крилен напаѓач. Директорот Валтер Сабатини пак напомена дека продажбата на Перишиќ не е приоритет.
„Ние би сакале Перишиќ да остане во нашите редови. Се работи за важен играч за Интер и би се согласиле на негова продажба, само доколку биде испратена примамлива финансиска понуда за него“, изјави Сабатини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА